Агент за мигрантски дознаки

„Кога првпат влегов во бизнисот“, се присеќава комичарот Вил Џордан, „ми рекоа дека ми е потребен агент за печат. Па, изнајмив еден – 100 долари неделно. Првата недела, ништо во печатот за мене, па кога го прашав ми рече: `Не бери гајле, зборуваат за тебе`. Следните две недели, нови двесте долари, нема ништо во печат, а тој ми вели: `Не бери гајле, зборуваат за тебе`. Поминуваат уште пет недели. Нови 500 долари во ветер, оти јас не се појавувам во печатот.“ Џордан бил толку гневен што отишол во канцеларијата и го истурил гневот врз агентот. „Се зборува за тебе... се зборува...“, му одговорил тој. „Како тоа? Што велат?“, воскликнал Џордан. „Тие велат – Каде е, што се случи со Вил Јордан???“

Македонија е меѓу малкуте земји во светот кои во однос на бруто производот примаат голем износ на трансфери од нашите иселеници во странство. Според податоците на Народната банка, приватните трансфери изнесуваат високи 18% до 20% од БДП, иако таа категорија вклучува и нерегистриран извоз, девизи под перница кога ќе се појават на шалтерите во менувачниците и слично. Според некои анкетни стражувања, дознаките во вистинска смисла на зборот – односно парите што нашинците што живеат во странство ги испраќаат на членовите од фамилијата или роднините што останале да живеат во Македонија – изнесуваат околу 300 милиони долари годишно, што е околу 4% од БДП. Иако многу помала од првичната бројка, овој износ е се`уште повисок од парите што земјава ги добива по основа на странски директни инвестиции, на пример. Но, слично како во анегдотата од почетокот на оваа колумна, ова се пари за кои се зборува затоа што со нив ништо не се прави, туку се користат за тековна потрошувачка и за `крпење` тековни потреби. И, додека повеќето приматели на дознаки се чувствуваат комфорно во ваквата улога на трошење `туѓи` пари, овој фонд што земјата го прима унилатерално (односно не треба за нив да изврши никаква контра услуга), главно останува неискористен за развојни цели.

Но, литературата се согласува дека примарната цел на ваквите дознаки е да ја намалат сиромаштијата, односно да извлечат од сиромаштија многу семејства кои без таквите дознаки не би имале основен извор на егзистенција. Тоа е она што дознаките го прават во Македонија, бидејќи ако се отстрани нивниот ефект, стапката на сиромаштија би била веројатно многу повисока. Другиот ефект, а сврзан со сиромаштијата, е ефектот врз доходовната нееднаквост: најчесто дознаките помагаат посиромашните семејства да се искачат повисоко на скалата на доходот, па на таков начин го затвораат јазот помеѓу нив и оние кои не примаат дознаки, но наоѓаат извор на егзистенција во редовно вработување. Но, и во двата случаи, доходовниот ефект е моментален, односно тековната потрошувачка на дознаките не создава среднорочни користи за економијата. Наспроти тоа, трошењето `туѓи` пари, може да креира паразитизам, односно одбивност кон работа, особено кај помалку образовани лица и жени, кои доколку работат би оствариле пониска плата од износот на дознаката што ја примаат. Во жаргонот на трудовата економија, веројатно е дека дознаките во Македонија, покрај тоа што не придонесуваат за среднорочниот економски рзвој на земјата бидејќи се трошат, а не се инвестираат, придонесуваат и за високата неактивност на пазарот на труд.



За волја на вистината, печатот во повеќе наврати пишува за овој проблем во Македонија. Меѓутоа, владата останува главно пасивна во потенцијалното канализирање на овие финансиски средства во среднорочни развојни цели. А, замислете, дознаките кои изнесуваат повеќе од износот на странските директни инвестиции, ги добиваме без реклами во Форбс, без роуд шоуа, без свечени балони... Затоа, ова прашање бара итно внимание од страна на владата. Притоа, канализирањето на дознаките во развој треба да се случи главно низ стимулативни начини за поттикнување на примателите, особено младите, за иницирање сопствен бизнис со овие средства, а во никој случај преку оданочување, односно систем на казни. Еве неколку идеи што може да помогнат во оваа кауза: преполовени социјални придонеси за млади во семејства што примаат дознаки кои ќе отпочнат сопствен бизнис; директна финансиска инјекција во износ од 30% од износот на инвестираните дознаки во нов или постоен бизнис; финансиска инјекција од 50-70% од вредноста на инвестицијата направена од дознаки, ако старт-апот е во сфера на високи технологии; ослободување од плаќање царински и други давачки за увоз на машини, опрема, фертилизатори и други капитални добра во земјоделието, во фирма основана од семејство што прима дознаки; субвенционирање на трошокот за камата за инвестициски кредити; посебен вид социјална заштита и нега на деца за жени кои ќе основаат сопствен бизнис од дознаки; маркетиншка помош во брендирање на земјоделски производи од фирми основани од дознаки и слично.

Иако некои од овие мерки може да водат кон позитивна дискриминација во однос на фирми кои се основани од семејства што не примаат дознаки, сепак користа може да го надмине трошокот, затоа што ќе реши три круцијални и навидум тешко решливи проблеми на пазарот на труд во Македонија. Прво, високата невработеност, особено меѓу младите лица, кои (особено во последно време) многу зборуваат за заминување во странство (како да таму тече мед и млеко). Ако околу 20-25% од семејствата во Македонија примаат дознаки и ако кај нив се концентрирани повеќе од 60% од невработените , тогаш ваков дел од популацијата не е за занемарување како таргет на политиката која би придонела за побрзо намалување на невработеноста. Второ, високата неактивност на пазарот на труд. Ако една неактивна жена чиј маж мигрирал и праќа дознаки секој месец најде мотив во дополнителните финансиски стимуланси и ако има помош во справувањето со домаќинските проблеми и подигањето на децата (било финансиска помош или, на пример, ваучер систем за куќни помошнички), тогаш таа ќе се активира на пазарот на труд и, патем, ќе придонесе и кон намалување на родовиот јаз во вработувањето. Трето, високата неформална вработеност. Имено, сигурен сум дека добар дел од примателите на дознаки работат во сферата на сивата економија; едно вакво решение би придонело за нивно формализирање и придонес кон побрзо намалување на стапката на невработеност.

Владата мора час поскоро да стане агент за мигрантските дознаки, а не да молчи како агентот од почетокот на колумната, надевајќи се дека, дознаките вршат каков-таков позитивен ефект врз потрошувачката во Македонија, иако знае дека мал напор е потребен тој ефект да стане мултипликативно инвестициски.



Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер