Покриениот вагон
Во време на продукцијата на „Покриениот вагон“ (1923), еден
амбициозен филм за пионерите кои тргнаа кон Западот во 1840-те, шефот на
студиото Парамаунт, Адолф Зукор, почнал да се грижи за растечкиот буџет на
филмот и му наредил на продуцентот Џеси Ласки да ја суспендира продукцијата на
филмот. „Театрите, објаснил тој, се жалат за бројот на вестерни што се
произведуваат и се жедни за нешто различно“. "`Вагонот` не е
вестерн", возвишено се спротивставил Ласки. "Тоа е епска
приказна." "Епска приказна?" возбудено реплицирал Зукор.
"Па, тоа е различно – терајте понатаму!"
Станува се` поизвесно дека фискалната 2013 година ќе ја
завршиме со буџетски дефицит од 3.8% од бруто производството на нашата
економија. Да се потсетиме дека пред неколку месеци, тогашното проектирано ниво
на дефицит од 2.5% беше подигнато на 3.5%, поради ветувањето на владата да се
раздолжи кон приватниот сектор по однос на обврските за поврат на ДДВ. Но,
сега, дури и таа корекција на проектираниот дефицит се надминува во буџетските
остварувања. На хоризонтот, пак, имаме ветување за зголемување на пензиите,
јавните плати и социјалната помош за нови 5%, почнувајќи од март 2014 година.
Ваквите движења почнуваат да создаваат чувство на загриженост за
дисциплинираноста на фискалната политика, после неколку години на одржана
прудентност на јавните финансии. Еве неколку причини зошто.
Прво, нагорните притисоци врз буџетскиот дефицит може да
дојдат од два `матиматички` извора. Едниот се самите јавни трошења, кои, како
што прочитавте погоре, се зголемија и имаат тенденција и понатаму да се
зголемуваат, согласно најавите од владините претставници. Но, ваквите
зголемувања се главно во сферата на тековните трошоци, веројатно со цел да се
задоволат предизборно креираните апетити на електоратот. Но, зголемувањето на
тековните трошоци не ја подобрува конкурентната позиција на нашата економија,
ги ретардира реформите, не ја поттикнува продуктивноста, може да го набилда
увозот на стоки за широка потрошувачка, и во услови на подобрување на општата
економија може да изврши и нагорен притисок врз цените. Вториот `математички` извор
е `издашноста` на економијата да го полни буџетот, главно рефлектирана низ
стапката на пораст на бруто производството. Иако после подолго време, во
последните две години државните проекции се сообразија со реалноста, што
имплицира дека и проекцијата на буџетот е главно во линија со реалноста, сепак
ризиците по домашната економија се сеуште присутни и главно произлегуваат од
неизвесностите присутни во регионалната и глобалната економија. Последниве,
како што сите знаеме, се рефлактираат главно преку надворешната трговија
(неизвесност во извозните остварувања) и капиталните текови (односно
неизвесност околу реализацијата на странските директни инвестиции). Оттука,
нагорните притисоци на дефицитот стануваат особено значајни како што првиот
извор притиска нагоре, а вториот надолу во дропката за дефицитот во однос на
бруто производот.
Второ, нагорните притисоци врз буџетскиот дефицит генерираат
загриженост и поради структурата на трошењата. За жал, и покрај укажувањата на
експертската јавност, претходниот период од половина деценија па и повеќе,
главно го поминавме во капитални трошења кои не беа насочени кон создавање нова
капитална база, туку кон декорација на постојната. Од ова секако искористи
градежништвото и сврзаните дејности, и навистина не остави на улица контингент
од работна сила, но пополека неговиот ефект ќе исчезнува, бидејќи ваквите
капитални инвестиции главно немаат среднорочна економска корисност. И, додека (веројатно)
со текот на време ни стана совршено јасно дека структурата на трошењата не
можеме да ја менуваме со значајна и нагла промена на односот меѓу тековните и
капиталните трошења (бидејќи често слушаме дека сме `социјална` држава), она
што стана совршено јасно е дека може да си го подобриме соптвениот стандард ако
внимаваме капиталните трошења да бидат во најпродуктивните сектори, како
инфраструктура, енергетика, здравство, информатика... Но, во тоа не успеавме.
Дури во последно време постои блага наклонетост да се дава простор за вакви
инвестиции, но дали и во која мера тоа ќе продолжи понатаму, останува да
видиме.
Последно, но не и најмалку важно, е што притисоците за
продлабочување на буџетската дупка директно се пренесуваат врз јавниот долг. Се
согласувам дека набљудуван како ниво, јавниот долг на централната не е толку
висок, иако на економистите и на пошироката јавност ни останува непознат
јавниот долг на општата влада. Шпекулациите за висината на последниот им ги
оставам на поинвентивни од мене економисти и економиканти. Меѓутоа, она што е
познато во економијата е дека не сме секогаш заинтересирани за нивото, туку за
т.н. прва разлика, односно во случајов брзината со којашто тој долг се
зголемува во единица време. Во последната година и пол, тој долг како удел во
БДП е зголемен за околу шест процентни поени или над 20%. Е, ова не е така
малку за тој период. Дополнително, за што конкретно е направен новиот долг? Не
верувам дека некој од вас ќе се сети за што. Не знам и јас, или во најголем дел
не знам. Долгот не е така лоша категорија, ако е направен за инвестициска
намена, која утре ќе ви генерира средства со кои ќе ја отплатите и главницата,
и каматата. Но, ако намената е тековна (пензии, социјала), тогаш утре нема да
имате повеќе средства за отплата и ќе мора да ги зголемите даноците. Но, тоа е
утре. Битно денес сите да сме среќни и задоволни!
И, сега, ако се вратам на почетокот од оваа колумна,
излегува дека ние сме покриениот (со странски кредити) македонски вагон, кој
моментално има недисциплинирана фискална политика и растечки буџет и дефицит.
Ама, ми изгледа дека ние живееме во епска приказна, и веројатно тоа го
оправдува ваквото распашано однесување на фискалната политика. И, мислам дека
тоа е доволно различно за да може да тераме понатаму. До кога? Додека не дојде
она `утре` што ви го спомнав погоре.
Авторот е економски
истражувач.
Пост скриптум: За волја на вистината, филмот „Покриениот
вагон“, еден од најголемите спектакли на т.н. Глува доба, завршил со
спектакуларен успех.
Пост пост скриптум: Капак на сето ова е некој да се досети
да враќа дел од ДДВ-то на малопродажбата. Тогаш вагонот станува „Театрален
вагон“ (Мјузикл-комедија, 1953).
Одлично напишано.
ReplyDelete