Кеш и Лист од малина
Изминува уште
еден декември и ја заокружува изминатата 2013 економска година. Во неа
отворивме многу економски размисли: дефицит, јавен долг, невработеност, јавна
администрација, миграција на млади, инфраструктура, споменици... За волја на
вистината, за некои работи видовме и реализација: зголемени пензии и социјална
помош, поголеми субвенции за земјоделците, привршување со финансирањето на
лукративноста и постепено свртување кон инвестиции во патиштата, железницата и
енергетските објекти, што сето ќе не` доведе со економски раст од околу 3%. Но,
ако ме прашате по кои ликови ќе ја запаметам годината што изминува, тогаш на
мојата листа се само два лика.
Првиот лик – да
го наречеме Џокица – е оној којшто секоја вечер не` потсетува дека она што во
животот е важно е само кеш. Џокица е лицето на нашето секојдневие и затоа тој е
ликот по којшто ќе ја паметам оваа година. Имено, Џокица уште од поодамна влезе
во нашиот код и забележа дека ние се задоволуваме со ситно: на еден ќе му даде
малку кеш, друг ќе добие субвенција, на трет ќе му го вработи детето, на четврт
ќе му ја зголеми пензијата или социјалната помош, петти ќе отиде на бања во
Негорци, на шести ќе му каже дека од името не се откажуваме. Е, сега, ќе има
секако и такви коишто ќе добијат џек пот, ама тие се малку. Нив, џек потот
всушност ништо не им менува во животот – тие се само навикнати да добиваат џек
потови и да ја одржуваат или зголемуваат доходовната разлика меѓу богатите и
сиромашните. Првите се сиромашни, ама тие и не баш можат да се замислат во
улогата на богати и нив Џокица ги задоволува со по некое илјадарче. Тие знаат
дека тие две-три илјадарки ќе им помогнат сега или во следните недела-дена, а
понатаму пак ќе кубурат со истите проблеми. Тие, исто така, знаат дека овие пари
со кои се расфрла Џокица, всушност, не се ниту негови и дека и тој мора истите
да ги најде – најверојатно да ги позајми – за да ги задоволи овие ситни крикови
од нашето маало. Знаат дека ако позајмувањето постојано се зголемува, дека еден
ден ќе дојде ред тоа и да се врати. Или, ќе дојде ден, нивните деца тоа да го
вратат. Ама, не им е баш гајле, затоа што се импресионирани што сега, во овој
момент, може да се чувствуваат подобро со тој ситен благодет од Џокица. Оттука,
не знам зошто некои луѓе се чудат што емисијата на Џокица, а Бога ми и неговите
трибини низ градовите, се најгледани и најпосетени настани во земјава... По мое
лично убедување, тоа така и ќе си остане барем уште некое време, за што на
Џокица може само да му се честита.
Вториот лик – да
ја наречеме баба Рада – е онаа којашто секој ден не` потсетува дека можеби
кешот и не е така најважен во животот, затоа што убав живот може да се живее и
со нејзините билки. Баба Рада е опачината на нашето секојдневие и затоа таа е
ликот по којшто ќе ја паметам оваа година. Баба Рада се разликува од Џокица по
најмалку две работи: прво, таа дури сега, по долги години елитизам, се труди да
го совлада кодот на нашиот народец; и второ, таа, за жал, нема баш кеш и не е
во позиција да зајмува, па мора да `барата` со нешто друго - билки. Кај неа, се
јавуваат гледачите: првиот вели – мене ме боли коленото – таа му вели –
ставајте на него лист од малина. Вториот вели – имам тегоби во бубрегот – таа
му вели – пијте чај од лист од малина. Третиот вели – во грлото како да имам
бодликава жица – таа му вели – џвакајте лист од малина. И, сите после тоа ќе се
чувствувате како нови. Листот од малина може да биде и повратот на 15% од
платениот ДДВ, минимална плата од 450 евра, дотур на потрошувачки кредити.... И
баба Рада и нејзините гледачи знаат дека листот од малина, всушност, не може да
ги реши нивните проблеми... дел од гледачите знаат дека и овие конкретни
листови од малина се неостварливи или ако се реализираат ќе креираат повеќе
проблеми отколку решенија. Но, гледачите викаат „ура“ и, и баба Рада, слично
како и Џокица, предизвикува телефонските линии за време на нејзините емисии,
всушност да бидат прегреани. Само, се чудам, дали е позитивно или негативно што
баба Рада дури сега сфати дека клин со клин се избива, или популизам со
популизам се победува, и сега пополека му станува загрижувачка конкуренција на
Џокица.
Всушност, оваа
декемвриска колумна ме натера да размислувам за овие два лика – лицето и
опачината, ликата и приликата на нашето економско секојдневие во 2013.
Легитимно е баба Рада да сака да дојде на местото на Џокица. Како и да е, таа
моментално има некој офсајд термин за својата емисија, а Џокица се емитува во
прајм-тајм. Утре, ако тие си ги сменат местата, па следниот декември пишуваме
за таа рокада, тогаш баба Рада ќе дели кеш, а Џокица ќе не` лечи со билки. Или
можда и кеш и билки заедно во прајм-тајм, а Џокица ќе се врати во театар или ќе
остане без работа. Како ќе испадне не е важно, но важно е дека освен термините
на емитување, суштината и содржината на нашето живеење нема да се сменат.
Ете, така, драги
читатели на моите колумни, со овие два лика ја затвараме оваа економска 2013
година. Повторно на мојов список место не најдоа поважни економски ликови, како
на пример Нелсон Мандела чијашто обединувачка улога за белците и црнците во
Јужна Африка, меѓу другото, ја направи Јужноафриканската економија една од
најсилните и најбрзорастечките на африканскиот континент, но и помеѓу земјите
во развој, ниту Нуриел Рубини којшто повторно предвидува светска финансиска
катаклизма. Како и секој декември, и сега одлучив да пишувам `лајт` четиво, за
да може без многу напрегање да се препуштиме на претстојните новогодишни и
божиќни празници. Со посериозни економски четива продолжуваме во следната 2014
година. Среќна Нова година на сите читатели!
Авторот е економски истражувач.
Comments
Post a Comment