Метео


За време на временската прогноза во октомври 1987 година, британскиот метеоролог Мајкл Фиш им кажал на гледачите дека "една жена заѕвони за да каже дека наслушнала дека надоаѓа ураган. Па, не грижете се," продолжил тој, "нема такво нешто." Отфрлајќи ја аматерската прогноза со насмевка, Фиш ветил само "морски ветриња" и "дождливи струења." Велика Британија била погодена од ветрови со брзина од 180 километри на час кои `изгореле` далекуводни кабли од 400 километри, оставиле една четвртина од земјата во темница, блокирале 200 патишта со паднати гранки, срушиле четвртина од дрвјата во Кент и ги застанале сите железнички врски на југот од земјата, и тоа сето во рок од дваесет и четири часа. Една амбулантна кола на островот Хејлинг била удрена од јахта која пловела по патот, а метеоролошката служба го нарекла најлошиот ураган од 1703 година.

Деновиве настана општ тренд на пораст на главните економски прогнози, во светот, Европа и во Македонија. Главно, прогнозерите укажуваат дека 2013 година беше тешка, но дека растот ќе забрза во 2014 година. Најскорешен пример е веројатно оној на Организацијата за Економска Соработка и Развој, ОЕЦД, која прогнозираше дека економското подобрување интензивно наѕира, според нивните водечки економски показатели. Има и други примери. ФЕД, централната банка на САД, објави дека 2013 ќе се заврши со раст од околу 2.0-2.3%, но проектираше забрзување на 3% во 2014 и високи 3.5% во 2015. Нашата централна банка, исто така, објави нагла корекција на проекцијата за растот за 2013, од првичните 2% на 3.3% (!), додека за 2014 и 2015 се проектираат забрзувања на растот на 3.7% и 4.1%, соодветно.

Но, она што се случуваше низ сите овие години на економска криза, вкучително и во Македонија, е ситуацијата кога секогаш се проектираа повисоки стапки на раст за годината што претстои, за потоа во текот на годината, да се сфати дека изгледите за економијата не се така розови. Следеа главно надолни корекции на проекциите, понекогаш и многу драстични. Но, сите ние кои помалку или повеќе се занимаваме со економско прогнозирање, знаеме дека оваа работа во претходните години беше многу тешка. Не се работи за тоа дека централните банки или ММФ ги промашуваа прогнозите намерно. Но, произлегува дека беа преголеми оптимисти. Меѓутоа, оваа ситуција го наметнува прашањето: дали глобалната економија е на пат да се врати во нормала, но постои нешто што сеуште ја влче наназад, или постои систематска/фундаментална грешка што прогнозерите ја правеа сите овие години? Јас ќе го кажам моето мислење, а вие пронајдете го одговорот во овие два.

Секоја од овие години ние се соочувавме со `удар` кој ја влечеше економијата надолу. За Македонија најважна беше Европската дожничка криза, додека на глобално ниво, покрај неа, тоа беа фискалното затегнување и буџетската бездна во САД, и забавувањето на брзорастечките економии  (особено БРИК). Со други зборови, фискалното затегнување (што после од самите носители на политиките беше имплицитно признато како погрешна политика), беше иманентно на двете страни од Атлантикот. Дополнително, брзорастечките економии, особено Кина, се чини дека го завршија периодот на извонреден раст за кој сите сонуваа да трае долго.

Но, што беше систематската прогнозерска грешка? Ваквите случувања во САД, Европа и брзорастечките економии, во значајна мера беа предвидливи. Фискалното штедење е на сцената веќе долго-долго, веројатно уште откако Грција покажа први знаци на слабост. Дури и кај брзорастечките економии можеше да се предвиди некое забавување, иако сите очекувавме дека тоа нема да се случи толку скоро (односно очекувавме дека тие сеуште брзо ќе напредуваат кон т.н. технолошка граница).

Оттука ми произлегува и прашањето дали последниот круг проекции за глобалната и домашната економија се темелат само на верувањето дека овие проблеми во напредните и брзорастечките економии `омекнаа`, односно изгубија сила, или пак се темелат на нешто пофундаментално? Имено, она што знаеме во моментов е дека фискалните проблеми во еврозоната и САД се во голем дел надминати, Самарас неодамна и` соопшти на Меркел дека нема да бара нов контингент финансиска помош, додека брзорастечките економии ќе останат на патеката на побавен раст. Значи, оние фактори кои ги повлекуваа остварувањата кај глобалниот и домашниот раст во претходните години, сега пополека заминуваат зад сцената. Оттука, по оваа основа на `случајност`, најновиот круг на проекции може да има оправдување.

Но, Европската Централна Банка неодамна дополнително ја олабави монетарната политика. Иако финансиските пазари очекуваа дека таа во најмала рака ќе остане непроменета, најновиот потег на ЕЦБ може да сигнализира дека ризици на хоризонтот може сеуште да постојат и се`уште да имаат сила да го повлечат растот надолу. Последново е особено важно за Македонија која е трговски и финансиска сеуште мошне зависна од еврозоната и не дава значителен простор за нагла нагорна корекција на проекциите. Втората важна работа е дека шоковите по дефиниција и по природа се непредвидливи. Што не` очекува во 2014, всушност, не знаеме, туку правиме т.н. информирано нагаѓање. Нов нафтен шок? Нов ненадеен пораст на цените на храната? Преголемо кратење на буџетските трошења? Нагла промена на политиката на ЕЦБ? Оттука, лекцијата од претходните години се сведува на тоа дека, ако изгледа дека економското подобрување се наѕира, не значи дека тоа и ќе дојде.

Да се вратам на анегдотата од почетокот на оваа колумна. Дождливите ветрови од Фиш на крајот се претворија во ураган. Портпаролот на Фиш подоцна објаснил: "Тоа е навистина е прашање на детали." Всушност, технички, Фиш бил во право. Тоа не беше ураган туку интензивна Северноатлантска депресија. "Ние на Западот немаме урагани", објаснил тој. "Ние сме подложни на ветрови што поттикнуваат урагани." Знам дека знаете дека во Македонија ваков тип портпарол имаме на секој чекор. Јас неговиот одговор можам веќе да го наслутам.


Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер