Либиска инфлација (Капитал, 04.03.2011)


Повисоките цени на нафтата, житарките и другите стоки почнавме да ги гледаме во малопродажбата – зголемени цени на лебот, маслото за јадење, преработениот шеќер. Сепак, преработувачите досега се мачеа да апсорбираат дел од ценовниот притисок, со цел да компензираат дел од трошокот на „стравот“ дека потрошувачките цени ќе се искачат на високи нивоа. На светско ниво, ваквите движења поттикнаа прашања што се провлекуваа во претходниот период: колку долго цената на нафтата ќе остане висока како резултат на немирите на Средниот Исток и Северна Африка? Потоа, уште колку таа може да се зголеми ако ситуацијата се влоши или ако немирите се прошират кон друг голем производител на нафта, како што е Саудиска Арабија? И, секако, со која брзина и во која мера, овие ценовни притисоци може да се пренесат врз потрошувачките цени, директно или пак преку зголемување на цените на инпутите во меѓуфазното производство? Да не заборавиме дека можностите фирмите да поднесуваат дел од овој ценовен товар немаат неограничен рок. Прашањето е само колку брзо ќе дојде тој момент.

Моменталниот раст на цените, значи, има три извори: порастот на цените на храната, порастот на цените на нафтата, двата поради глобалните случувања, и регулираниот пораст на цените на електричната енергија дома. Кога трите ефекти меѓусебно ќе се мултиплицираат, а кога потоа и ќе се стават во однос на сегашното ниво на функционирање на економијата под потенцијалот, тогаш произлегува дека ова е значителен удар за животниот стандард. Енергетските и земјоделските производи тежнеат да бидат варијабилни благодарение на променливи како лошо време и геополитички тензии. Затоа, сега, централните банки одбиваат да реагираат на моменталната ситуација – тие обично избираат да се грижат за т.н. основна инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата. Но, тогаш прашањето е што (во македонски услови) вклучува основната инфлација? Неодамна, и американскиот и канадскиот гувернер укажаа дека не се загрижени за растечките глобални цени на некои стоки. Тоа и не е за изненадување, имајќи предвид дека во Северна Америка, околу 2/3 од трошоците на фирмите се трошоци за работна сила. На европско тло, пак, Европската Централна Банка веќе трет месец не успева да ја симне инфлацијата под својот таргет од „под, но близу до 2%“. Работниците во Германија веќе бараат повисоки плати во услови на невработеност од близу 10%, „заглавеност“ во долгови и затегнатост на ременот во некои земји од Еврозоната. Ова укажува дека сега монетарната политика е на потег.

Но, да се вратиме на нашата ценовна главоболка, којашто е уште поголема. Прво, поголема е затоа што еден бран на т.н. ефекти од втора рунда веќе почна да се провлекува низ маркетите, како резултат на вклучувањето на повисоките цени на инпутите во финалните производи. Зголемувањето на цената на електричната енергија само (ќе) го направи тој ефект посилен – ако немаше можност тоа да не се случи наскоро, тогаш произлегува дека ќе беше подобро да се случеше порано! Веројатно е тешко да се процени колку брзо тој ефект од втора рунда ќе се реализира во полна мера и со колкав интензитет. Но, споредено со ситуацијата на Германија, кадешто индустриското производство покажа значителни стапки на раст на крајот од 2010, Македонија се соочува со меч со две острици: пад на индустриското производство и потисната потрошувачка, што коинцидираат со растечки цени на важни инпути во производството и на важни компоненти на потрошувачката кошничка. Се чини дека за ваквиот ефект монетарната политика ќе мора наскоро да испрати сигнал дека е тука и дека будно ги следи движењата и се грижи за остварување на својата примарна цел, и покрај фактот што зголемувањето на референтната каматна стапка ефективно нема да постигне ништо, бидејќи инфлацијата не е од монетарна природа, туку е резултат на промената на релативните цени.

Второ, загриженоста е поголема затоа што скоро третина од македонските граѓани живеат под линијата на сиромаштијата. За нив, и мал пораст на цените може да значи гладување. Значи, она што граѓаните го сакаат сега е државна акција. Интервенција од стоковите резерви, значително намалување на фискалните давачки за инпутите со растечки цени и внимателно прилагодување на социјалните програми за заштитување на најранливите групи граѓани, коишто се најпогодени од моменталната инфлација поради оскудната композиција на нивната потрошувачка кошничка. Во една прилика го прашале Џон Пол Гети, нафтен магнат и колекционер, дали е точно дека вредноста на неговиот имот во тоа време достигнала милијарда долари. Тој замолчел за момент. „Претпоставувам“, одговорил љубезно, па продолжил утешително - „но, не заборавете, милијарда долари сега не вредат толку колку што некогаш вредеа“. Она што граѓаните не го сакаат е да чујат утеха дека ова е притисок кој не го загрозува општото ниво на цени, а најмалку дека за ова евентуално е виновен Гадафи!



Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Ogla Radzyner од Централната банка на Австрија.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер