Само идејата е капитал (Капитал, 01.04.2011)
"Не држете ме за збор," рекол еднаш Пер Јакобсон, извршниот директор на ММФ во 1959 година, "но, светската инфлација заврши." Не само што инфлацијата се појави повторно во шеесетите, туку и седумдесеттите одбележаа невидена комбинација на бавен економски раст и растечки цени, односно стагфлација. Значи, прогнозата на Јакобсон била сосема погрешна. Повеќе неслучајно отколку случајно, и македонските државни прогнози за економскиот раст вообичаено ги натфрлуваат економските остварувања, или она што во стручниот жаргон сe вика – државните проекции за растот се секогаш нагорно пристрасни.
Во четвртиот квартал од 2010 економијата оствари пораст од 2.3% на годишно ниво, овозможувајќи економијата во 2010 да се заокружи со само 0.7% раст, што е само една третина од државната проекција, а само една десеттина (и помалку) од фамозно-посакуваните пусти желби за раст од шест до осум отсто. Па, што е проблемот? Секако, не е проблемот во тоа да се проектираат разумно високи стапки на економски раст. Впрочем, ако една економска политика нема амбиција да оствари високи стапки на раст, тогаш таа и не треба да биде избрана од граѓаните. Но, по мое лично убедување, изборот треба да го заслужи не онаа економска политика што проектира повисока стапка, туку онаа што го покажува начинот на којшто таа стапка и ќе се оствари. На пример, според државната статистика, градежништвото во 2010 пораснало за импозантни 15%, што е добро, наспроти анемичниот раст кај останатите сектори, па дури и падот кај индустријата и хотелиерството. Ова значи, дека растот во 2010 ќе беше и полош, да не беше градежништвото, бидејќи очигледно индустријата тоне. Ама, никој не ни кажа дека нашата стратегија на раст ќе се темели на монументални стројби, колосални зданија, едифиции од декоративен карактер и сл. За жал, тие не се електроцентрали, па да ни произведуваат струја во следните 100 години; не се патишта за да ги убедиме потенцијалните инвеститори дека ќе можат непречено, лесно и ефтино да го транспортираат својот производ на европскиот пазар во следните 50 години; не се апарати и опрема во здравството за да си обезбедиме попродуктивна работа сила; не се поквалитетни и пообучени учители, за да си обезбедиме пообразована и со вештини подготвена работна сила за следните 30-40 години.
Оттука, една економска политика ќе си обезбеди простор да стане државна економска политика, ако на граѓаните им го објасни патот до посакуваните високи и континуирани стапки на раст од 5, 6, 7% на годишно ниво. Па, бидејќи ова е време на пишување економски програми, еве неколку идеи.
Прво, новата економска политика е добро да се гради врз основа на искористување на постојниот потенцијал на домашната и регионалната економија. Странските директни инвестиции пополека ќе се враќаат како што се подобрува довербата на инвеститорите во подрачјата со повисок ризик, но и со повисок принос. Секако, во таа насока напорите за понатамошно подобрување на деловната клима, поедноставување на процедурите, гарантирање на правото на сопственост и останатите права, треба да се зајакнат. Но, приоритетот треба да се сврти кон домашните инвеститори. Тие се веќе тука – само им е потребна поддршка со којашто нивните идеи ќе се канализираат во економски раст. Убеден сум дека нема подобар начин тоа да се направи со охрабрување на зголемувањето на производството произведено со домашни инпути. Секако, и фокусот на засилување на регионалното трговско и финансиско поврзување треба да се зајакне.
Второ, ваквата поставеност на економската политика ќе овозможи субвенциите во аграрниот сектор да не бидат дадени попусто. Џабе пари нешто да произведете, ако потоа никој не сака да го купи. Стимулирањето на домашната додадена вредност ќе овозможи и диверзификација на земјоделското производство, па нема сите да произведуваат, да речеме, тутун, туку наспроти тоа, ќе се појават и производители на некои „подзаборавени“ култури, како шеќерна репка, сончоглед и сл. И, сите ќе може да го продадат своето производство по разумни цени кои го вреднуваат вложениот труд.
Трето, се покажа дека, спротивно на очекувањата на сите, унифицирана даночна политика е во полза на оние со поголем доход, а на штета на оние со понизок доход. Всушност, таа прави неправедна распределба на богатството од сиромашните кон богатите и ја влошува и така нерамномерната распределба на доходот во земјата. На пример, според датабазата на УНИЦЕФ, нееднаквоста во распределбата на доходот во Македонија (мерена според Џини коефициентот) била 0.267 во 1991, пораснала на 0.271 во 1998, а потоа на 0.315 во 2008. Идната економска политика треба да го промени трендот на оваа бројка, од растечки во опаѓачки, односно да се овозможи поголема еднаквост меѓу граѓаните и зајакнување на средната класа.
Четврто и многу важно (но често изоставано при анализите на економскиот раст во Македонија) – зголемување на меѓусебната доверба и почитување. Во голем дел од своите истражувања, ветеранот на економската наука, Грегори Чоу, аргументира и покажува дека една од детерминантите на `вонсерискиот` економски раст на Кина во последните години е токму генетската предиспозиција на кинескиот народ – огромната меѓусебна доверба на луѓето, нивната заложба секогаш несебично да му помогнат на другиот и така натаму. И, има логика: како ќе правиме бизнис со некој, ако тој не ни верува дека ќе му испорачаме квалитет според договореното, дека испорката ќе биде навремена, или ако ние не му веруваме дека ќе ни плати во договорениот рок...
Така што, долга нива за орање. Важно е сега да се почне!
На крајот сакам на пријателите во Капитал да им го честитам лансирањето на новиот веб сајт. Лично сметам дека не само што нивните заложби имаат информативна улога, туку имаат и изразена едукативна компонента да влијаат во насока на подигање на разбирањето на општите принципи на функционирање на економијата за широката читателска публика. Па, во тој дух, во денешнава колумна дадов неколку идеи, бидејќи, само идејата е капитал, нели!
Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Ogla Radzyner од Централната банка на Австрија.
Comments
Post a Comment