Чекај, чекај.... (Капитал, 08.04.2011)
Пред да продолжам со дискусии во областа на економијата, на кратко повторно сакам да се навратам на една тема којашто исто така го окупира мојот интерес – научно-истражувачката работа. Секако, се` што зборувам во оваа колумна се однесува само на економската наука.
Се` започна со дизајнирање нов Закон за високо образование во којшто научната дејност, со најмалку дваесет-годишно задоцнување, се постави на ниво на наставната дејност на универзитетите. Читателите ќе се сетат – имаше многу негодување, главно затоа што после 20 години научна летаргија е многу тешко да се влезе во научно-истражувачката машина, којашто бара многу време, посветеност, знаење и, секако, финансиски средства. И не е важно кој за тоа е виновен – дали тие што треба да истражуваат, но тоа не го сториле бидејќи немале обврска, или пак законодавецот, којшто тоа не го регулирал од непознати причини. За несреќа, проблемот е во тоа што, како и за сите други работи, во нашиот менталитет работите тешко функционираат ако нема егзогена сила која нив ќе ги придвижува и/или ќе ги форсира, во најлош случај. Не треба закон за некој да истражува – пред се`, за истражување треба да се има мерак и ентузијазам. И покрај се, за мој вкус, законското решение во поглед на науката беше за поздравување. Уште повеќе што предлозите што ги дадов во поглед на инкорпорирањето на научните конференции и научните проекти во условите за напредување на наставниците беа инкорпорирани во финалното законско решение. Но, да се вратиме на ситуацијата по законското решение.
За волја на вистината, по донесувањето на законското решение, беа преземени низа чекори за негова операционализација. Во линија со барањата на нас, истражувачите, беа објавени конкурси за научно-истражувачки проекти. Иако може да се аргументира во насока на потребата од зголемување на квотите во одделните научни групи и/или за зголемување на финансиските средства што може да се добијат по проект, сепак чекорот за оживување на научно-истражувачката дејност преку вклучување што е можно повеќе истражувачи и преку вклучување странски рецезенти ветува дека првите ќе имаат можност да го изградат својот истражувачки капацитет, а дека вторите ќе обезбедат праведност во оценувањето. Секако, тоа тука не треба да запре, туку е потребно конкурсот да се обновува на редовна основа, барем 2-3 пати годишно. Второ, беа објавени конкурси за млади истражувачи, со што е овозможено градење на истражувачкиот капацитет на младите научни работници во земјата. Трето, беше објавен конкурс за можност за стекнување еднократен износ за секој објавен труд во списание со импакт фактор. И, четврто, државата се обврза да ги финансира трудовите коишто ќе се публикуваат во избрани списанија. За мерак!
Но, како што реков и порано, доблест на научното истражување е што секогаш е избалансирано и без пристрастности. Затоа, за ја погледнеме и другата страна на медалјата. За несреќа, погорниот пристап е дизајниран прилично теоретски. При читање на конкурсите, во одделни делови се стекнува впечаток дека тие се дизајнирани далеку од нашата реалност. На пример, се упатува на користење на Journal Citation Reports импакт факторите, но пристапот до истите, за жал, се плаќа. Второ, зошто се упатува точно на тие импакт фактори? На пример, во датабазата IDEAS/RePec се регистрирани и имаат свој импакт фактор многу повеќе економски списанија отколку во JCR, а згора на тоа, истата е бесплатно достапна. Трето, конкурсот за млади истражувачи е мошне солидно дизајниран, но се` до точката кадешто се бара менторот на младиот истражувач да има објавено најмалку два труда во списанија со импакт фактор два. Па, сакам да прашам: дали овој праг е определен врз база на состојбата на `терен`, односно согласно податоците што за нашите повозрасни истражувачи (ментори) се на располагање во државните датабази, при што надлежните утврдиле дека добар дел од потенцијалните ментори се над бараниот минимум од два труда со импакт фактор два? Ако е така, тогаш еве, јас сум млад истражувач, и ја молам државата да ми најде ваков ментор, бидејќи јас таков не познавам, повторно ќе речам, во сферата на економијата! Четврто, државата се обврзува да финансира публикување трудови во две највисоко-рангирани списнија: Quarterly Journal of Economics (главен уредник Роберт Баро) и Journal of Economic Literature (главен уредник Џенет Кари), кадешто голем дел од рецезентите се нобеловци по економија. За илустрација, во последните неколку броеви, во овие списанија ќе ги забележете како автори на трудови имињата на Џорџ Акерлоф, Кенет Рогоф, Филип Агион, Партик Кехое, Тимоти Кехое, Чарлс Гутхарт и многу други. Економистите знаат кое ниво на економски научници се набројаните. И, иако е убаво да се има амбиција да се публикува во овие списанија, сепак желбите се едно, а способностите друго. Оттука, `порамнување` на конкурсите со тековната состојба е, и тоа како, сега неопходно. Во спротивно, заложбите за заживување на научно-истражувачката дејност, особено во општествените науки, може да завршат како фијаско.
Секако, друг аспект којшто треба да се размисли и постави одново е дискриминаторската поделба на јавното од приватното високо образование. На пример, финансирањето на објавување во гореспоменатите две списанија се однесува само на државните универзитети. Само за државните универзитети е распишан и дополнителен конкурс за научно-истражувачки проекти. На државните универзитети ќе им се финансираат уредите за електронско регистрирање на предавањата, но не и на приватните. Па, добро, тогаш според оваа логика приватните универзитети треба да плаќаат и помалку данок на државата, нели? Во спротивно, ќе мора да дефинираме уште една основа за дискриминација – научно-истражувачка.
Не сакам да верувам дека заложбите за промовирање на научно-истражувачката работа се само декларативни. Во истражувањето, работите не се декларираат, туку се демонстрираат. Оттука, очекувам дека сите конкурси ќе се прилагодат на тековната состојба, а Quarterly Journal of Economics, Journal of Economic Literature, минимум два труда со импакт фактор два, и сл, може да фигурираат како императиви коишто пополека ќе ги освојуваме во годините што доаѓаат.
Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Olga Radzyner од Централната банка на Австрија.
Comments
Post a Comment