Другиот свет (Капитал, 29.04.2011)

Во последните неколку години, а особено годините пред кризата, носителите на политиките во брзорастечките земји и земјите во развој беа преокупирани со две големи прашања: 1. Како да привлечат странски директни инвестиции кои ќе им креираат нови работни места и ќе пренесат нова технологија и менаџерски вештини; и 2. Како да ги зголемат јавните инвестиции во продуктивни цели за да креираат раст. Сега, откако кризата полека згаснува, стана јасно дека новиот модел на раст не може повторно да се темели на странски директни инвестиции, барем не во таа мера во која се темелеше пред кризата. Но, исто така стана јасно дека инвестициите во јавни стоки треба да продолжат со засилено темпо со цел да го хранат растот, но и да ја направат земјата подобро место за живеење. Всушност, земјите кои пред кризата растеа со огромни стапки на раст, како вишеградските и балтичките земји, уште многу порано ја препознаа недоволната инфраструктура – несоодветните патишта, запустените аеродроми, малите електрани, недоволните гранични премини и слично – како ограничување на изгледите за нивниот раст. Не е за изненадување што тие постојано инсистираа да најдат начин како ваквите инвестиции да ги финансираат од својот буџет, без притоа да предизвикаат долгот на земјата да стане неодржлив.

За несреќа, еден дел од земјите во развој тешко можеа да постигнат продуктивно задолжување или, пак, да ги скратат тековните буџетски расходи на сметка на капиталните. Владите тешко можеа да се согласат да го намалат државниот апарат или да ги намалат неговите плати или, пак, да скратат некои расходи од типот на стоки и услуги што ги консумираат државните фирми. Некои влади се обидоа да најдат надворешни извори на финансирање на буџетските дефицити, но се соочија со ограничување на големината на задолжувањето – делумно, ако земјата извршила предвремена отплата на долгот или ако дополнителното задолжување е достапно само под неконцесионални услови, како што е еврообврзницата.



Во контекст на оваа дискусија се отвораат две важни прашања: 1. Дали квалитетот на јавните инвестиции ја загрозува достапноста на надворешното финансирање; и 2. Дали земјата, воопшто, треба да ги зголеми јавните инвестиции или треба да ја преиспита нивната продуктивност. Всушност, во повеќе земји, вклучително и Македонија, постои долга историја на неостварени и пропаднати јавни проекти. На што се должи тоа можеме само да претпоставуваме: распишување на тендерите за јавните проекти релативно доцна; поставување неправедни услови за учество; неправедно фаворизирање одреден учесник на тендерот; па и безидејност и тотална летаргија во осмислувањето и спроведувањето на истите. На што, впрочем, потсетуваат Чебрен, Галиште, Бошков мост, Коридорот 8, нови вагони, локомотиви и трамваи, подземни булевари, облакодери? Долгата листа со пропаднати проекти и проекти-желба само дополнително ги усложнува одлуките за надворешното финансирање – тоа или станува прескапо или воопшто го нема.

Но, веројатно поважно прашање од тоа дали земјата може да ги зголеми своите инвестиции во јавна инфраструктура е дали тоа треба да го направи, воопшто. Дебатата за зголемувањето на јавниот капитал е прашање за продуктивноста на јавните инвестиции, односно дали тие го помагаат економскиот раст. Секако, ако јавната инвестиција е продуктивна, тогаш тоа е оправдување за секое надворешно задолжување. Една неодамнешна студија на Светската банка (2007) покажува дека јавното трошење на патна, железничка, енергетска, информатичка и авиоинфраструктура, образовни програми и јавно здравје дава позитивни ефекти врз растот. Извештајот на Комисијата за раст и развој (2008), пак, заклучува дека брзорастечките земји се карактеризираат со високи јавни инвестиции, најчесто во висина од 7% од бруто-домашниот производ или повеќе.

За несреќа, нашето јавно инвестирање е далеку под тоа што во светската литература се смета за поттикнувач на растот. Графиконот покажува дека само во 2008 година јавните инвестиции достигнале нецели 5% од БДП, а во 2009 и 2010 година, кога многумина аргументираа во насока на експанзивна фискална политика, овој процент се намалил на 3,3% и 3,6%, соодветно. Всушност, во овие години надолните ребаланси на буџетот ги скастрија прво капиталните инвестиции. Секако, ова не е аргумент дека фискалната политика била експанзивна во време на економска криза! Сепак, трагедијата е уште поголема што додека во брзорастечките земји се отвора дебата за продуктивноста на јавните инвестиции во патишта, железница, енергетика, здравство, информатички системи и слично, ние во Македонија сме убедени дека попродуктивно од тоа е нешто друго – стројби полни со обликуван восок, живописни замоци од типот на Пелеш и Пелишор во Романија, коњи, лавови и друга фауна, фонтани и фонтанчиња. За жал, не можеме да знаеме колкав дел од 3,6% јавни инвестиции во 2010 година се вложени во вакви монументи, бидејќи податоци за тоа не се објавуваат. А надворешното задолжување расте ли расте – не е важна ниту цената, ниту кој ќе го отплаќа, ниту како ќе го отплаќа, ниту дали во иднина заемодавачот ќе сака повторно да ни позајми дури и ако имаме добар проект, добра инвестиција.

Затоа, кога еднаш ја прашале “вештерката од Волстрит“, Хети Грин, да препорача некоја добра инвестиција, таа одговорила – “Другиот свет“. Дали ние ќе го најдеме нашиот друг свет останува да видиме.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер