НАГОДУВАЊЕ (Капитал, 2.12.2011)

Државниот секретар на САД, Џејмс Бејкер, еднаш му подготвил на претседателот Реган говор што требало да го одржи на Светскиот економски самит во Вилијамсбург, Вирџинија. Утрото, Бејкер се разочарал кога разбрал дека претседателот воопшто не се мачел да го погледне говорот и искрено го прашал зошто. „Па, Џејмс“, релаксирано му реплицирал Реган, „Звукот на музиката (се мисли на мјузиклот) одеше во позадина“. Подоцна, магазинот „Економист“ за Реган напиша: „Маестралната појава на Реган понекогаш го маскираше фактот дека тој воопшто и не знаеше што зборува“.

Деновиве, во економските кулоари се изнаслушавме прогнози за економскиот раст на Македонија во идната 2012 година. Ќе бил ваков, ќе бил таков. Половина процент повисок или понизок. Проекции фрчат од сите страни и секој си ја кажува приказната што сам сака да ја слушне. И странците не се исклучок. Ако кажат ниска стапка, тогаш се оценети како премногу конзервативни. Ако кажат висока стапка, тогаш речиси сигурно таа ќе се остварела, бидејќи тие биле најдобри во проектирање.
Денешнава колумна сакам да ја посветам на оваа дискусија. Но, и јас сум дел од дискусијата, да не се исклучам. Лично, мислам дека растот идната година има можност да се движи околу 4%, и секако, ќе ви кажам зошто. Забележете дека во моментов не би знаел доволно прецизно да го дефинирам тоа „околу“.

Но, најпрвин за феноменот на економското проектирање. Тоа е всушност цела (квантитативна) гранка на економијата. Нема, за жал, економист, кој нешто предвидел со 100% точност. Се сеќавате, само Нуриел Рубини ја предвиде тековната економска криза. Всушност, ако размислам, тој секој ден во последниве 20 години зборуваше дека утредента ќе има криза. И, секако, еден ден беше во право. Ние, економистите, градиме економски модели коишто треба да ја реплицираат економската реалност. Но, моделите, колку и да се напредни, никогаш не се и не можат да бидат 100 процентна репликација на реалноста, едноставно затоа што таа реалност е мошне комплексна. Оттука, тоа што го добиваме од моделите се само индикации за насоката и големината на економскиот циклус и тие се базираат на одредени претпоставки: како ќе расте економијата на Германија, како ќе се однесува владата со фискалната политика, како ќе се движат цените на металите и слично. Според тоа, навистина не ми е јасно колкава е веројатноста дека проекциите од 2,5%, 3,5% и 4,5% за растот во 2012 година се, всушност, статистички различни (статистичарите знаат на што мислам)? На крајот на краиштата, и да се статистички различни, дали таа разлика ќе се почувствува кај обичниот граѓанин во секојдневното живеење? Веројатно тешко. Оттука, секоја дискусија за тоа дека еден предвидел раст од 4,5%, па демек тоа било неточно и требало да биде 3,5%, мислам дека е сосем излитена.



Затоа, да се вратиме на попродуктивна дискусија. Во која насока може да очекуваме да се движи економијата во следната година? За мала и отворена економија како Македонија, најголемо значење играат движењата во надворешната економија, односно тоа што се случува во сферата на надворешните трговски и финансиски текови.

Првенствено, дури и благ пораст на германската економија може значително да го повлече нашиот извоз. Во моментот доминира размислувањето дека следува уште една тешка година за еврозоната: кризата околу Грција, па и околу Италија, Шпанија и Португалија (т.н. ПИГС) сè уште се одмотува и нема своја финална разрешница. Но, потегот да се назначи Пападимос, поранешниот втор човек на ЕЦБ, за премиер, за мене е најсилен сигнал дека Грција сака да остане во еврозоната. Ако тоа е јасно, тогаш секако дека ќе се прават непопуларни чекори за одржување каква-таква стабилност во еврозоната, односно ќе се превенира нејзино раситнување. Слично е и во Италија, каде што палката ја презеде угледниот економист Монти, додека во Шпанија по подолго време настана промена на владејачката гарнитура. Според тоа, претпоставката за рушење на еврозоната и слични други катаклизмични сценарија, коишто наводно значително ќе го намалат нашиот извоз, мислам дека е претерана (барем од денешна гледна точка).

Второ, во изминатиот период имаше најава за почнување со градба од неколку странски инвеститори. Владата немаше среќа со оние инвеститори кои дојдоа пред кризата, па при налетот на истата се откажаа. Сакам да верувам дека сега ќе биде поинаку, како резултат на што, и покрај намалената екстерна побарувачка, на домашно тло ќе почне каков-таков инвестициски циклус од страна на приватниот сектор кој ќе тежнее да стане двигател на домашниот економски развој. Велам развој, а не раст, бидејќи растот е квантитет, а развојот вклучува и квалитет. Имено, странските фабрики ќе донесат нова технологија, ќе го диверзифицираат нашиот производ и извоз, па ако сакате, ќе влијаат и врз постепена промена на менталитетот.

Трето, само владата си знае како ќе ги троши народните пари во 2012 година. Буџетот го имаме, но Буџетот е план. Неговото остварување може да се разликува. Ама, факт е дека форсирањето на државните градежни активности ја извлече економијата во првата половина од 2011 година, која се заврши со раст од 5,2%. Дополнително, ако се оствари најавата за инвестиции во патната мрежа, хидроцентралите, инвестициите што почнаа во здравството, тогаш квантитетот, но и квалитетот на државните инвестиции треба да даде значаен позитивен придонес кон растот.

Ете, накусо, тоа е економскиот амбиент којшто може да се предвиди за годината што доаѓа. Секако, неизвесноста е голема, а проектирањето во услови на неизвесност е тешко. Промената на една од претпоставките ќе значи и промена на проекцијата. Затоа, во моментов, нагодувањето е дури и комично. Од денешна перспектива, веројатно разлика меѓу проекциите за раст од 2,5%, 3,5% и 4,5% за 2012 година нема.

Авторот е економски истражувач

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер