Економијата, Моамер и народот (Капитал, 30.12.2011)


Ако денес мислев дека навистина се ближи крајот на светот, тогаш има неколку работи и личности по коишто ќе сакам да ја запаметам годинава што изминува. Секако, годинава нема да ја паметам по тоа што Македонија не само што помина во кризата неоштетена, туку искористи од неа, нема да ја паметам по стокатници кои никнаа во Скопје, нема да ја паметам по економски раст од 8%... Сепак, ми остануваат неколку работи по коишто ќе ја паметам. Па, вака, да почнам со настаните.

На глобална сцена, 2011 ќе ја запаметам по силниот земјотрес и цунамито во Јапонија. Овој настан предизвика катастрофа од планетарен размер и ја разора јапонската економија. Но, истовремено, оваа катастрофа ја покажа обединетоста, цивилизираноста и отпорноста на јапонскиот народ, што е должно за секаква почит. Слично на ова, на домашен план годинава ќе ја запамтам по предвремените парламентарни избори. Зошто ова е економски настан на 2011? Затоа што сите полагаме надежи во нашата економија, дека еден ден ќе биде попросперитетна и дека сите ќе живееме подобро. Епа, изборите се еден наплив на бран, како тој од цунамито, полн со оптимизам, време кога се ветуваат брда и долини: странски директни инвестиции, се пуштаат чешми и локални патчиња, се градат кули и фабрики... Фино сето ова, ама пари од каде? Затоа, убаво е човек да сурфа на така голем бран, ама тешко е откако бранот ќе дојде до брегот и ќе го погоди копното. Парите ќе ги позајмиме, но утре ќе дојде ден да ги вратиме. Е, тогаш е тешко, меѓу другото и затоа што не сум убеден дека ние можеме да покажеме таква обединетост како Јапонците. Но, да размислам дали ваквиот цунами бран имаше некоја контратежа којашто евентуално можеше да го спречи? Имаме ли ние економска опозиција? Од одговорот на ова прашање може да разбереме зошто мислам дека предвремените парламентарни избори беа најважен економски настан за 2011 година, без преседан. Таа контратежа, што треба да постои, избра на народот да му продава евроинтеграциска, а не економска прикаска. Добро, сте прашале ли дали евроинтеграцијата ќе му ги реши проблемите на Душко, на стечајната `коловоџа` и тн и тн? Доста веќе еднаш со таа социјала, со тутун, со јаболка. Не е лошо да смислиме некоја нова идеја, нешто ново да провее на економската сцена. Епа, такво нешто немаше во 2011 година и по тоа и ќе ја паметам.




Ова директно ме поврзува со луѓето по коишто ќе ја запаметам 2011. Секако, најпрво, на глобално ниво, неповторливиот Моамер ел Гадафи! Диктатор, демек. Слично како јапонското вистинско цунами и нашето изборно цунами, тој доживеа воено цунами. Но, како и во нашиот случај, тој тоа го преживуваше многупати, во најмала рака, многу подолго одошто се надеваа западните сојузници, односно неговата опозиција. Неговото мото беше „Умри друг ден“. Не замина тивко, се бореше до последна сила, се криеше по разни места, а да не ја спомнуваме неговата облека, очи со римелче уште пред тоа да го направи Лејди Гага, и неизбежната пластична операција на лицето моделирана по пример на камила. И, сега, или тој беше толку жилав, или сојузниците и нивната тешка нон-сајбер артилерија толку слаби и дефокусирани, што во еден момент помислив дека може да го видиме со Фидел Кастро како си ужива на некоја кубанска плажа (на Вардар). Под палма или врба, се разбира.

Вториот, по малку бизарен избор на личност на годината е Елизабет Тејлор. Лиз ми стана интересна бидејќи нејзината смрт може засекогаш да го промени начинот на којшто познатите фаци може да ја искористат својата смрт за да си го разубават нивниот живот. Имено, уште додека била жива, Лиз си зела мултимилионски кредит, којшто аукциската куќа Кристи треба во нејзино име да го отплаќа по нејзината смрт. Какво лицемерие. Овие денови во Кристи ќе проценат дали се задоволни од приносот на својата инвестиција, кога ќе го објават нејзиниот имот на аукција. За среќа, и ние си имаме своја Елизабет. Таа пред 2-3 дена отиде, преку црвениот тепих, да земе `кредит` од кај премирот и во лице му кажа дека го обожава. Ама, дека го обожава. Е, оваа, да ја наречеме тетка Бети, за мене е личност на годината во Македонија. Си зеде кредитче од кај премиерот и му тупна 900 жалби кои неговата администрација сега треба да ги решава. 900 жалби? Па добро, можеби тетка Бети нема да може лично да ги собере плодовите од своето лицемерие (како што сама го нарече), оти нели нашата администрација постојано велиме дека е бавна и тромава, а 900 жалби и не се така малку.

Ете така. На мојава листа не се личности како Стив Џобс, чија работа го движеше човештвото напред, ниту Томас Саргент, годинешниот нобеловец по економија. И јас, како тетка Бети денес одлучив да пишувам за нешто што е интересно за читање, бидејќи празници се ближат, па доста е од сериозни економски четива. Повеќе такви, в година. Среќна Нова Година на сите читатели!


Авторот е економски истражувач

Comments

  1. Како и секогаш, екстра интересни размисли од авторот. Во продолжение, може да се пишува за тоа како Берлускони и Саркози земаа кредити од Моамер (и му бацуваа рака во тие моменти). Но, еден ден решија дека има голема моќ и знае многу, па ...
    Значи, треба да се пази од кого се позајмува, но и на кого се зајмува

    ReplyDelete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер